27.05.2019 Прес-конференција на тема: КАКО ДО ОСТВАРУВАЊЕ НА ЦЕЛИТЕ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ, СОГЛАСНО СТРАТЕГИЈАТА ЕВРОПА 2020 на Проектот „ТРАИНЕЕ“- „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“

Обуки на стручен и технички кадар за инсталирање на фотоволтаични системи и топлински колектори од јуни 2019 година

 

Од 17 јуни, 2019 година, преку Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ (TRAINEE), ќе се врши обука на стручен и технички кадар за инсталирање на фотоволтаични системи и топлински колектори, беше посочено на прес-конференцијата што се одржа во Стопанската комора на Македонија (27.5.2019 година). Целта на обуките е континуирано подобрување на вештините на градежните работници за градење енергетски ефикасни објекти преку обука, преквалификации и препознавање на претходно стекнато знаење и вештини, за да се постигнат параметрите на ЕУ „Стратегијата 2020“ за енергетска ефикасност.           

Како еден од приоритетите на секоја национална економија е создавање предуслови за креирање конкурентна работна сила во градежниот сектор, која е подготвена да се справи со предизвиците на модерните економски текови. Во таа насока се и активностите во рамки на ТРАИНЕЕ проектот: „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“.

Преку проектот се креираат мерки кои претставуваат надградба на веќе постигнатите резултати во претходните два проекта - „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност 2014-2016“ и „Градење на вештини за енергетска ефикасност 2012-2013“, со развој на тренинг шеми, проширување на обуките и со преквалификации на работната сила (архитекти, градежни инженери, техничари и градежни работници) за да се постигнат параметрите на ЕУ „Стратегијата 2020“ за енергетска ефикасност, - истакна д-р Ристо Иванов, претседател на Здружението за бизнис консултанти Креација, партнер во ТРАИНЕЕ проектот.

Подобрувањето на вештините на градежните професионалци (архитекти, инженери и градежни работници) ќе се постигне преку 3 основни цели и тоа преку:

- подобрување на вештините на градежните професионалци (градежни работници, архитекти и инжињери) за градење енергетски ефикасни објекти;

- примена на алатки за информациско моделирање на градби (BIM-building information modeling) на национално ниво;

- зголемување на пазарната вредност на вештините за енергетско ефикасно градење.

Со цел да се постигне мултидисциплинарен пристап кај одржливото градење, ќе биде иницирана примената на алатки за информациско моделирање на градби (BIM-building information modeling) на национално ниво. Воведување на примена на информациско моделирање на градби, што е едно од барањата на новите правила за јавни набавки на Европската комисија, во доменот на градежништвото, посочи  д-р Иванов.

Овие вештини треба да се прифатат од страна на сите чинители во градежниот сектор кои применуваат обновливи извори на енергија. Исто така ќе се воведе примена на информациско моделирање на градби, и регистар на тренери и градежни работници за обновливи извори на енергија.

Преку обуките за обновливи извори на енергија ќе се постигнат стандарди за енергетска ефикасност со можност да се акредитираат обуките за стручен и технички кадар за инсталирање на фотоволтаични системи и топлински колектори,

истакна проф. д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Се предвидува, на обуките да бидат опфатени теми од безбедност при работа на инжињери, техничари, дизајнери и градежни работници, проектирање на нови технологии и изведба и примена на софтверски решенија, -  додаде проф. д-р Спасевска.

Во рамките на Проектот, Здружението на енергетика при Стопанската комора на Македонија активно ќе учествува во креирањето обуки за работници и инженери за инсталирање фотоволтаици со цел да се обучи кадар кој ќе може да одговори на се` поголемиот интерес за искористување енергија создадена од обновливи извори на енергија, - изјави д-р Ристо  Јаневски, претседател на Здружението на енергетика при Стопанската комора на Македонија.

Проектните активности ги спроведува Стопанската комора на Македонија, како координатор, во партнерство со: Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Јавната установа Центар за образование на возрасните - Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и WITS INSTITUTE SL (BIM Academy) Академијата БИМ од Шпанија.

Овој проект е дел од Работната програма за „Безбедна, чиста и ефикасна енергија“, под повикот за „Енергетска ефикасност“ ЕЕ-2016-2017 со цел зголемување на енергетската ефикасност на објектите.