ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР Пилот – обуки за BIM (Building Information Modeling)

Класичниот начин на работење на градежните компании влијае врз ефикасноста, продуктивноста и квалитетот на изградбата, што во пракитката негативно се одразува врз трошоците и временската рамка предвидена за реализација на проектите.

Последното несомнено претставува поттик во градежната фела да се размислува за дигитализација, воведување процеси и алатки за побрз проток на информации како BIM – Building Information Modeling, кој во моментот е во центарот на дигиталната трансформација на градежниот сектор. BIM претставува тренд кој се повеќе се применува во секторот особено во развиените западни земји и претставува 3D – базиран процес што им дава на архитектите, инженерите и градежните професионалци увид и алатки за поефикасно планирање, проектирање, изградба и управување со објектите во насока на усогласено преземање на активностите во процесот на изградбата и одбегнување на можности за грешки во сите фази на изведба на објектот.

Следејќи ги модерните трендови, Стопанската комора на Македонија во рамки на проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ TRAINEE кој го спроведува во соработка со  партнерите во проектот Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Центарот за образование на возрасни Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и BIM Академијата од Шпанија отпочна со реализација на пилот обуки за BIM чија цел е развивање на вештини и стратегии   за примена на информациското моделирање на градби.

Компаниите – членки на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите како засеганти од примената на современи и иновативни технолошки решенија земаа учество на пилот – обуките. Крајната цел на BIM покрај подигнување на конкурентноста на компаниите, продуктивноста и ефикасноста на работењето е и постигнување на енергетските заштеди преку примена на мерки за енергетска ефикасност во процесот на градење.