На Конференцијата свое обраќање имаше д-р Зоран Шапуриќ, министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, кој истакна дека Проектот „ТРАИНЕЕ“ е од значење за државата затоа што има за цел да понуди форми на надградба на вештините на вработените во градежниот сектор, во целиот синџир на вредности (архитекти, инженери, техничари и директни градежни работници), како и обезбедување на 720 квалификувани работници за ЕЕ (280 професионалци и 440 директни градежни работници), како и 60 работници за обновливи извори на енергија. Посебен придонес во оваа област е изработката на методологија за препознавање на претходно знаење, која може да се применува и за други занимања во останатите индустрии.
-Република Македонија има преземено обврски за исполнување на целите на ЕУ-Стратегијата 20/20/20 (20% заштеда на енергија, 20% помала емисија на гасови и 20% учество на обновливите извори на енергија), поточно се обврзала на следниве таргети: до 2020 година да достигне 14,5% заштеда на енергија во споредба со просечната потрошувачка од периодот 2002-2006 година, намалување на CO2 емисиите од 2010 до 2020 година за 5.792 ktCO2, учество од 21% на обновливите извори на енергија во финалната потрошувачка на енергија до 2020 година, - истакна министерот Шапуриќ.
-Владата на Р. Македонија и понатаму останува цврсто определена за постојан дијалог со коморите, бизнис секторот, експертите и асоцијациите и ќе продолжи со давање институционална поддршка во имплементацијата на регулативата и на овој проект, - додаде министерот Шапуриќ.
На првата Панел-дискусија на тема: „Обуката на инженерите и работниците како елемент за одржливи енергетски ефикасни згради“ свое учество зема д-р Томо Церовшек, експерт за енергетска ефикасност од Словенија.
Д-р Христина Спасевска, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје и претседател на Инженерската институција на Македонија, нагласи дека за зголемување на бројот на енергетски ефикасни згради во Македонија потребна е обучена работна сила на пазарот на трудот. За таа цел, во рамките на Проектот ќе се формира Образовен центар што треба да создаде услови за континуиран процес за обука на работниците, техничарите и инженерите.
На втората Панел-дискусија на тема: „Воведување алатки за информациско моделирање на градби“ (Building Information Modeling – BIM), чија цел е видливост на енергетски ефикасни згради, учество зема Вангелис Росиос, инженер при ВИТС Институтот – „БИМ“ Академија од Шпанија.
Ристо Иванов, претседател на Здружението на бизниси и консултанти „Креација“ од Скопје, посочи дека користењето на искуства од земјите на ЕУ преку Проектот ќе придонесе за примена на алатки за информациско моделирање на градби „БИМ“ (BIM-building information modeling) на национално ниво. „БИМ“ претставува интелигентен процес/платформа за соработка и за проектирање, моделирање, планирање во архитектурата, градежништвото и другите инженерски фази. Воведување на „БИМ“ на национално ниво е едно од барањата на новите правила за јавни набавки на Европската комисија, во доменот на градежништвото.
Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, нагласи дека Стопанската комора на Македонија подолг временски период е вклучена во реализација на проекти за развој на капацитетите во градежниот сектор со цел имплементирање на постулатите за енергетската ефикасност во градежништвото и исполнување на целите за одржлив енергетски развој, што е во согласност и со Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност на Република Македонија до 2020 година.
- Енергетската ефикасност несомнено го засега и секторот градежништво како еден од секторите кои се двигатели на домашната економија, чие учество во бруто домашниот производ се движи од 8-12% во последните години. Во градежништвото се регистрирани 4.814 активни деловни субјекти, што претставува 6,7% од вкупниот број на активни деловни субјекти на ниво на државата и се ангажирани околу 54.000 лица, што претставува 7,21% од вкупно вработените, - посочи Серафимовски.
Во изминатите години, државата презема повеќе активности за усвојување прописи за уредување на прашањата за енергетска ефикасност во градежништвото. Во таа насока, беше донесен Правилник за енергетски карактеристики на зградите („Службен весник на РМ“, бр. 94/2013), врз основа на Законот за енергетика („Службен весник на РМ“, бр. 16/2011, бр. 136/2011 и бр. 79/2013), со кој се воведе обврска во проектирањето и изведбата на зградите да се почитуваат одредбите за минимални карактеристики по однос на енергетската ефикасност, односно обврска инвеститорот да обезбеди потврда од лиценциран енергетски контролор дека проектната документација е во согласност со Правилникот за енергетски карактеристики на зградите и сертификат за енергетските карактеристики на новоизградената зграда, изработен од страна на лиценциран енергетски контролор и истиот да го достави заедно со барањето за издавање дозвола за употреба. Стапувањето во сила на овој закон беше поддржано со обука и издавање овластувања на околу 300 енергетски контролори и 70-тина правни лица лиценцирани за изработка на горенаведените документи.
На настанот присуствуваа повеќе од 120 учесници, односно претставници на компании од градежниот сектор, производители на градежни материјали, компании од секторот КГЛП - греење, ладење, климатизација, проектантски бироа и сертифицирани контролори за енергетска ефикасност.
Преку Проектот „ТРАИНЕЕ“ се очекува да бидат опфатени околу 200 градежни компании, 4000 градежни професионалци и 9600 градежни работници (бројки дефинирани во Патоказот за развој на вештини за енергетска ефикасност), што е сериозна бројка и успешната имплементација на Проектот преку примена на „БИМ“-алатката и на параметрите за енергетска ефикасност би значело отворање на нови работни места, подигнување на квалитетот на изградбата, заштеда на време и енергија, подигнување на стручноста на вработените во компаниите, и пред сė зголемување на конкурентноста на домашните компании и олеснување на нивниот настап на европскиот пазар и пошироко. Севкупната поддршка на „ТРАИНЕЕ“ за примена на мерките за енергетска ефикасност во градежништвото и мерењето на заштедите ќе ги поттикне инвеститорите да ја зголемат побарувачката за ЕЕ-градба во Република Македонија.
Со Проектот „ТРАИНЕЕ“ започна процесот во кој се надградуваат веќе постигнатите резултати во претходните два проекта - „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност 2014-2016“ и „Градење на вештини за енергетска ефикасност 2012-2013“, со развој на тренинг-шеми и проширување на обуките и на градежните професионалци - архитекти, инженери и техничари.
Партнери во Проектот „ТРАИНЕЕ“ се: Стопанската комора на Македонија, како главен имплементациски партнер, Здружението за бизниси и консултанти „Креација“ – Скопје, ВИТС Институт – „БИМ“ Академија од Шпанија, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св Кирил и Методиј‟ - Скопје, Центарот за образование на возрасни на Македонија и Инженерската институција на Македонија (ИМИ). Сите партнери заедно ќе ги
реализираат предвидените активноси согласно динамиката и работните задачи дефинирани во овој проект.
линк oд веб страната на СКМ каде е објавен Извештајот за 27.9.2018 година: http://www.mchamber.mk/(S(2nj54nv3ct3b5q455hp3onzc))/default.aspx?lId=1&mId=55&evt=2&evId=35646
Воведно излагање: https://www.youtube.com/watch?v=H6zJ0qjAHtM
Панел дискусија 1: https://www.youtube.com/watch?v=h9hiIWOOXi8
Панел дискусија 2: https://www.youtube.com/watch?v=FB4KEa3kIAc